Го знаете оној вкус на путер колачињата во кутија? Зборувам за тоа кога ќе ја отворите онаа метална кутија со чајни колачиња…со некој посебен вкус покрај путерот. Со вкус на лимон!
Уште кога се печеа, во главата ми се вртеше како ја отворам таа метална кутија.
Еве ви рецепт да уживате дополнително во празниците. Нека замириса домот на зимо, на путер и лимон…
(Од овие состојки мене ми излегоа 10 колачиња. Зависи од големината и формата.)
130гр брашно
1 јајце
60гр путер
50гр шеќер
Прстофат пециво (може и без)
1 лажичка екстракт од ванила
1 лажица чиа семе
1 рендана кора од лимон
Во еден сад соединете ги брашното, шеќерот и путерот исечкан на коцкички. Тријте со врвот на прстите за да добиете ронлива изедначена структура (ова може да го направите и во сецко). Додадете ги останатите состојки и формирајте тесто. Завиткајте го во провидна фолија, и оставете го во фрижидер 1час.
Загрејте ја рерната на 180°С.
Тестото расукајте го на набрашнета површина и формирајте било какви фигури. Јас немав калапчиња сечев со нож, затоа се вака несовршени на изглед, но затоа на вкус….ммммхх!
Печете 15тина минути.
Оставете добро да се оладат пред да ги декорирате. Иако може да поминете и без ова.
За шеќерната паста користев шеќер во прав и млеко.
Отприлика 50гр шеќер во прав и 1 лажица млеко, сето тоа убаво измешано со жица за матење. Смесата треба да е густа за да не ви се разлева како мене на почетокот. Додадете шеќер по потреба.
Направете го секој момент магичен, па дури и додека готвите.
Земете топло чајче и каснете си од колачињава.

