“Galette de rois” или кралски колач е традиционален француски колач кој најчесто се подготвува на 6ти јануари, по повод Водици (според католичкиот календар), или првата недела после 1ви јануари. Всушност се јаде скоро цел јануари. Продавниците се преполни со вакви галети во разни вкусови. Јас го одбрав оној традиционалниот со Франжипан.
Како што кај нас се става паричка во лепчето за Бадник, така тие ставаат некој симбол од порцелан во овој колач, и го делат. На тој што ќе го најде скриеното симболче му ја даваат круната, и тој е кралот на денот.
Ако ми верувате на вкусот, овој француски специјалитет мора да го пробате. Дали ќе ставите паричка или не, тоа оставам на вас. Важно е дека МОРА во животот да се проба ваков вкус и преку истиот да се прошетате до Франција.
500гр лиснато тесто
160гр бадемово брашно или мелени лупени бадеми
90 гр омекнат путер
70гр шеќер во прав
2 јајца + 1 жолчка
1 лажичка екстракт од ванила

Путерот и шеќерот изматете ги, па додадете ги јајцата и екстрактот од ванила. Повторно изматете накратко. На крајот додадете ги бадемите и промешајте со лажица.

Подгответе ги лиснатите кори. Лиснатото тесто развлечете го тенко до сукало, околу 2-3мм, и исечете 2 подеднакви кругови.

Може да ги означите со некое кружно тавче и да исечете. Или купете 2 лиснати кружни кори. Таа кора што ќе биде одоздола издупчете ја со виљушка па нанесете од филот.

Внимавајте да оставите околу 5см од краевите на кората празен простор. Доколку ставате паричка или некоја огноотпорна фигура, сега е моментот.

Поклопете со другата кора и стиснете ги краевите со прстите за да се залепат горниот со долниот дел. Направете дупче во средината.

Можете да ги засечете малку краевите, и да направите засечоци нежно, одозгора. Премачкајте со жолчка помешана со 1 лажица млеко, и ставете на печење околу 30мин на 180°С.


Почекајте да се олади, исечете на осминки и уживајте во вкусот на француската кујна.

