Споделувам со вас еден од оние рецепти “боли глава”. Ако обожавате праз, ова многу ќе ви се допадне. Ваквите јадења со крем и кашкавал кој се растопува се нарекуваат Гратан, како што веќе зборувавме еднаш поодамна. На блогов и на Инстаграм може да најдате исто гратан со компири, и уште еден со тиквици…потсетете се низ постовите.
Состојките зголемете ги во зависност од тоа за колку луѓе ќе спремате. Ова јадење се служи со зелена салата.
Потребно ќе ви биде:
3 страка праз
100гр чадена сланина (или чаден лосос за тие што не јадат сланина)
150 гр млечен кашкавал
За сос:
30 гр путер
1 полна лажица брашно
200 мл млеко
250 мл павлака за готвење
Зачини по вкус, јас ставив
Сол, бибер и мускантно оревче

Празот исечкајте го на кругови, и издинстајте го на малку водичка и масло, колку да омекне. Додадете ја сланината и пржете уште кратко. Вака подговениот праз, ставете го во огноотпорен сад каде ќе го печете гратанот.

Подгответе го сосот. Путерот растопете го во истото тавче во кое го пржевте празот, додадете го брашното со постојано мешање. Кога брашното ќе добие златеста нијанса, додадете го млекото, повторно со постојано мешање. Кога ќе почне да се згуснува смесата додадете ја павлаката за готвење и зачините. Почекајте да проврије и претурете го сосот врз празот.

Одозгора наредете кашкавал, во количина по ваша желба. Јас користев сирење за Раклет, не знам во МК дали постои…Во секој случај може да користите млечен кравји или овчи кашкавал со појак вкус.

Наросете оригано и ставете на печење во претходно загреана рерна на 180°С, 30 до 40 минути.

Послужете со зелена салата и уживајте во ручекот.

Bon appétit, Елена ❣