Киш или пита, без тесто…Мене ми звучи совршено, а и таква е на вкус. Се подготвува многу брзо. Ако денес немате многу време за во кујна, ова е вистинскиот рецепт за вас.
3 страка праз
1-2 лажици маслиново масло
300гр пилешки стек (несаламураен)
3 јајца
250гр павлака за готвење (за помалку калорично може да користите грчки јогурт)
70гр кашкавал + 30гр за одозгора
1/2 лажичка мускантно оревче
3 лажици мелено ленено семе
2 лажици мелени индиски ореви (може да замените со бадеми, лешници или повеќе ленено семе)
Сол, бибер
Празот исечкајте го на кругови и запржете го на малку водичка и 1-2 лажици маслиново масло.

Откако ќе омекне, по 5 минути, посолете и додадете го месото исечкано на коцкички да се запржи на кратко (околу 10тина мин).
На страна во еден сад разматете ги јајцата со жица за матење, додадете ја павлаката за готвење или грчкиот јогурт, ренданиот кашкавал и мускантното оревче. Промешајте се заедно.

Во сад за тарт/киш ставете хартија за печење па претурете го празот и пилешкото, а одозгора прелијте со течната смеса. Доколку не јадете месо , може да замените со чаден лосос.


Додадете го меленото ленено семе и индиски ореви. Може да користите и друго нешто наместо индиски ореви, бадемово брашно, овесно брашно….по ваша желба.


Промешајте со виљушка колку убаво да се потопат во смесата сите состојки, додадете уште малку кашкавал одозгора и ставете на печење во претходно загреана рерна на 200°С, околу 30 минути.


Колку е фантастично, нема да ви кажувам, ќе ми кажете вие откако ќе пробате.



Bon appétit, Елена ❣